Историја

Image

Историјат

Основното училиште „Свети Кирил и Методиј” во Скопје е најстаро училиште во Република Македонија со непрекината воспитно образовна дејност на мајчин македонски јазик во текот на 180 години (од далечната 1836 година до денес). Формирањето на основното училиште „Свети Кирил и Методиј” претставува значаен настан во културната историја на македонскиот народ. Неговото основање го означува макотрпното опстојување на македонскиот народ во борбата за одгледување и зачувување на својата самостојност и за развојот на сопствена македонска писменост и култура. Со неговото отворање започнува една нова епоха, епоха на борба за изразување на творечките вредности на македонскиот народ.

Период 1836-1963

Во 30-тите години на XIX век дошло до отворање на првото училиште во Скопје, кое било ќелијно во дворот на тогашната новоизградена црква „Св. Богородица”. Прв и главен учител бил Павле Хорват, Хиландарски монах од дебарскиот манастир. Со отворањето на училиштето за прв пат децата на скопјаните можеле да учат на својот мајчин македонски јазик. Започнала борбата на Македонија против ширењето на грчкиот јазик и просвета. Училиштето го добило името на Светите солунски браќа на 11 ти мај 1858 г. кога е одржана првата прослава во нивна чест. Во 1848 година по покана на градските прваци во Скопје доаѓа познатиот преродбеник и просветител Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Тој го отвора првото световно училиште со настава на македонски јазик. Неговото доаѓање означува пресвртница за просветно-културниот и националниот живот во Скопје. Тој ги разделил учениците по одделенија, вовел клупи и современи наставни средства (заемни таблици, песочница, географска карта, глобус и др.) Првата учулишна зграда била во употреба се до 1903 година, кога на истото место била изградена нова во која ќе се изведува настава се до катастрофалниот земјотрес во 1963 та година.

Период 1945 -1991 година

По ослободувањето на Скопје на 13 Ноември 1944 година училиштето продолжило со работа. 475 ученици од прво до одделение за прв пат ја следеле наставата на македонски литературен јазик. Следната 1945/46 година основан е пионерскиот одред „Хрисијан Тодоровски -Карпош”, а почнува да работи и училишната кујна. Во учебната 1948/49 година кон ОУ„ Св. Кирил и Методиј” се присоединува ОУ„Рајко Жинзифов”. На 24 јули 1962 година кон ОУ„ Св. Кирил и Методиј” било присоединето и училиштето „Цветан Димов”. Бројот на учениците се зголемил на 1300 ученици, распоредени во 37 паралелки од I-VIII одделение. 26 јули 1963 година се случува катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој коренито изменил многу работи. Многу жители го напуштиле градот и се населиле во новите градски населби, што резултирало со намалување на бројот на учениците во следната 1964 година на 541 во споредба со претходната кога имало 1300 ученици. На 28 декември 1964 година на местото на старата зграда урната во земјотресот почнува да работи новата со 24 училници во кои учеле само ученици од V до VIII одделение. Во 1970 година поради целосно менување на урбанистичкиот план во овој дел на градот и изградба на народнатаи универзитетска библиотека урната е и фискултурната сала, проблем кој до денешен ден се решава со адаптирање на две училници со помошни простории. Во учебната 1973-74 година училиштето го променува своето име во Кирил и Методиј губејќи го зборот „Свети” за повторно да го врати на 19. Мај 1993 година. До учебната 1975/76 година во нашето училиште се школувале вкупно 16260 ученици. Исто така за истакнување е тоа што во учебната 1979/80 година покрај дневниот престој, се организира и целодневна настава за учениците од I и II одделение, а веќе за учебната 1989/90 година, таа се организира за учениците од I до V одделение во две паралелки.

Период 1991-2026

Во последните три децении, ООУ „Свети Кирил и Методиј“ се профилира како лидер во образовните иновации, успешно спојувајќи ја традицијата со дигиталната ера. Клучен столб на овој развој беше имплементацијата на меѓународната IB програма (2013–2017), која воведе истражувачки модел на учење и постави високи академски стандарди. Современиот лик на училиштето денес го надополнуваат дигиталната библиотека и STEM центарот преку Лего клубот, каде што теоријата добива практична примена низ креативност и тимска работа. На полето на културното наследство, иновативниот проект „Бабини игри“ го потврди својот светски квалитет. Овој модел го освои првото место на светската олимпијада во Москва во 2011 година, а веднаш потоа беше високо награден и на светскиот форум во Вашингтон, етаблирајќи го училиштето на глобалната мапа на иноватори. Училиштето низ годините опстојува како лулка на мултиетничка средина, каде што учениците преку соживот и меѓуетничка толеранција градат модерно, европско општество. Со повеќе од 20.000 ученици кои го завршиле своето образование во овој период, ООУ „Свети Кирил и Методиј“ останува јадро на знаењето и воспитанието за новите генерации граѓани на светот.